Две години по доаѓањето на власт на „шарените револуционери“ вечерва скопјани ќе имаат можност да се потсетат на т.н. шарена револуција, чии последици денеска ги чувствува цела Македонија, а не само Скопје, каде што беше главниот фронт на „револуцијата“.

Резултатите од шарената револуција, на која граѓаните ќе се присетат преку ликовна изложба, денес се видливи и се чувствуваат во стандардот со „плата од 500 евра“, тендери „за снајки и други блиски“, „пари за лекови за сите деца“ и… Долг е списокот за набројување на придобивките од шарената срамота што ја нарекуваа револуција.

А последен плод на нивната гордост наречена шарена револуција е јавна набавка од Владата на лубрикон во вредност од 1,5 милиони евра за потребите во постшарениот револуционерен период денес.

Мерцедесот од 600 илјади евра не е продаден за купување на „комбиња за брза помош“ и за „лекување на Тамари“. Во него се возат шарените револуционери кои дојдода на власт со комбе и трошат 1,5 милиони евра, пари од граѓаните за лубрикон и вазелин, а пари за лек „за Тамари“ и натаму се собираат од хуманитарни донации. Но…

Сквернаваењето на државни објекти и споменици е инспирацијата за „Префрлање на одговорноста“, како што е насловена изложбата на ликовниот уметник Сашо Станојковиќ, која ќе биде отворена вечерва во галеријата во Паркот на франкофонијата.

Според авторот, изложбата е колоритна и дискурзивна архива на остатоците од шарената револуција од 2016 година и резултат на неговиот истражувачки проект „Делиберативно културно наследство“ кој ќе продолжи и по отворањето на изложбата.

Во рамките на овој проект, Станојковиќ во 2016 година поднел предлог- барање (петиција) остатоците од интервенциите со боја врз спомениците и врз други објекти во главниот град, за време на протестите наречени шарена револуција, да бидат прогласени за културно наследство.

На изложбата ќе биде претставен дел од архивата што е составена од медиумските одгласи на шарената револуција и од фотодокументација на единствените видливи колоритни интервенции што демонстрантите ги нанесоа врз некои објекти, а кои останаа неизбришани од претходната власт.

Според истражувањето на уметникот, трагите од овие, како што вели – „изливи на граѓанската волја“, сè уште се видливи на фасадите на девет објекти и врз еден споменик во центарот на Скопје.

– Тие претставуваат еден вид загрозени мултинационални и мултикултурни споменици на будењето на граѓанската свест за потребата од почитување на еднаквите права на сите граѓани, додава Станојковиќ.

Тој е магистер по ликовна уметност од областа на сликарството и досега имал 10-тина самостојни изложби.

„Префрлање на одговорноста“ е поддржана од Министерството за култура, Град Скопје и НУБ „Св. Климент Охридски“.