Додека македонските земјоделци оваа година се борат за пласмани на земјоделските производи, Европските држави овошјето и зеленчукот го продаваат за цени кои се недостижни за производителите во Македонија.

Оваа година откупните цени на земјоделските производи се најниски досега. Откупувачите на праски од Росоман изгубија околу 30.000 евра со вратените камиони од руската граница со образложение дека во пратките е пронајден „прасков црв“. Од еден камион тие губат по 4.000 до 5.000 евра, а праските ги продаваат по цена од 10-15 денари по килограм, за да не им скапуваат на нивите, како што велат земјоделците од околината на Росоман.

Ситуацијата со откупот на сливите е исто така катастрофална оваа година. Скоро 5.000 тони слива скапува на нивите во радовишко, регион кој е најголем производител на слива во државата. Земјоделците излегоа на протест и го блокираа регионалниот пат Радовиш – Струмица поради немањето на откуп.

Радовишко  не е единствен регион каде производителите на слива мака мачат со откупот, откуп нема ни во делчевско и беровско, региони кои после радовишко се втори производители на слива во државата. Вкупните штети во целата држава се проценуваат дека ќе бидат огромни.

Загрижувачки е и фактот што оваа година трошоците за живот во Македонија се зголемени. Имено, во мај годинава во однос на претходниот месец се бележи пораст од 1,0 проценти, а во однос на мај лани пораст од 1,7 проценти на трошоците. Цените на мало во овој период бележат раст од 0,7 проценти во однос на април годинава и 3,1 отсто во однос на мај лани, според Државниот завод за статистика.

Додека растат трошоците за живот, платите паѓаат. Просечната плата падна за 867 денари во февруари оваа година, во однос на  јануари истата година. Зголемувањето на трошоците за живот, комбинирано со раст на цените на мало и големиот пад на платите води кон поголема немаштија и послаб стандард на граѓаните.