Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан.
На средбата беа потврдени одличните и пријателски односи меѓу двете држави, како и заедничката определба за нивно понатамошно унапредување и продлабочување. Беше истакната важноста од парламентарната соработка, размената на искуства и зајакнувањето на институционалните капацитети.

Претседателот Гаши изрази особено задоволство што сме сведоци на прва ваква посета од претседател на држава со која имаме соработка на високо ниво, нагласувајќи дека Швајцарија претставува пример и модел за развој на демократијата. Тој, исто така, изрази благодарност за континуираната поддршка од Швајцарија во процесот на европска интеграција, како и за реализацијата на Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“, кој придонесува за зголемување на транспарентноста, отчетноста и вклученоста на граѓаните.

Претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, стави акцент на работата на Собранието на Република Македонија, оценувајќи дека законодавниот дом е значително напреднат и игра клучна улога во демократските процеси. Тој истакна дека државата се наоѓа на вистинскиот пат, со видливи достигнувања и напредок на високо ниво.

Воедно, двајцата соговорници информираа за најновите активности и актуелните случувања во своите земји. Едногласно ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на билатералната и мултилатералната соработка.

На средбата учествуваа и пратениците на Пратеничка група на Собранието на РепубликаМакедонија за соработка со Парламентот на Швајцарската Конфедерација: Илир Хасани, Александра Николовска, Мерита Коџаџику и Фатмир Битуќи. Присутна беше и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Ибуш Јусуфи.