Претседателот на Собранието, г. Африм Гаши, присуствуваше на отворањето на фотографската изложба „СВЕДОЧИ – 30 години патување низ фотографијата“ на познатиот уметник Енгин Узун, организирана во Куршумли-ан во Скопје.

Во своето поздравно обраќање, мајсторот Енгин Узун, кој потекнува од Скопје, им се заблагодари на присутните за учеството, споделувајќи ги своите емоции по повод оваа изложба, која опфаќа три децении од неговото уметничко творештво. Тој изрази посебна благодарност до претседателот на Собранието, како и до турските партнери во Република Македонија, за поддршката дадена за реализацијата на оваа изложба.

Во своето обраќање, претседателот Гаши го оцени долгогодишното творештво на авторот, нагласувајќи дека уметничката фотографија е сведоштво на времето, на сеќавањето и на човечкиот дух, притоа истакнувајќи ја важноста од поддршката на уметноста и културата како вредности што го збогатуваат општеството.

-Идејата за оваа изложба се роди во Истанбул, во април оваа година, на денот кога имав чест и привилегија да го запознаам мајсторот Енгин не само како уметник, туку и како човек. Таму ја видов неговата страст кон работата, длабочината на неговата мисла, неговиот духовен и уметнички пристап, како и топлината на неговото ателје. Во време кога правиме илјадници фотографии со нашите телефони и ги забораваме по неколку секунди, уметници како мајсторот Енгин ни ја покажуваат разликата меѓу една фотографија и вистинско уметничко дело. Меѓу една слика и едно сведоштво, посочил Гаши.
Како што стои во соопштението, на настанот присуствувале и турскиот амбасадор Фатих Улусој, министерот за култура, Седат Сулејмани, министерот за правда, Јетон Шасивари, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, претседателот на МАТУСИТЕБ, Тахсин Ибрахим, како и бројни личности од културниот, институционалниот и јавниот живот во земјава.




