Србија е се поблиску до договор еден крак од гасоводот „Турски тек“ од Бугарија да влезе во Србија кон Унгарија и натаму во централноевропските гасни складови. Како што пишува српски „Курир“, ова се потврдува од разговорите кои српскиотминистер за енергетика Александар Антиќ ги имал со рускиот колега Александар Новак.

– Сите параметри говорат дека српската економија ќе продолжи да се развива, што наметнува потреба да обезбедиме дополнителни количини на гас и да го зајакнеме снабдувањето со овој важен енергенс. Проширувањето на подземниот склад за гас „Банатски двор“ на не помалку од 750 милиони метри кубни и изградбата на нов транспортен систем за гас од првец на Бугарија кон Унгарија, се приоритети на кои ќе се работи, истакна министерот Антиќ по состанокот со Новак, на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

Антиќ истакнал дека Србија има голем интерес да стане транзитна земја кога е во прашање гасот, со што би ја зголемила својата енергетска безбедност, сигурноста со снабдување со гас, како и приходите, а со тоа би создала можност за натамошен развој на својот пазар со гас.

– Спроведениот маркет-тест покажува дека постои потреба за дополнителна гасна инфраструктура, посебно од правецот на Бугарија кон Унгарија. Имаме заеднички интерес и заеднички цели и ќе продолжиме да разговараме на средбата кон срединатана јуни во Белград, најави Антиќ.

За планот за изградба на турскиот крак преку Србија до Унгарија, српскиот министер разговарал и со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.

– Сијарто ме информира дека Унгарија е заинтересирана за развој на овој голем гасен проект и дека има желба заедно со Србија да работат на изнаоѓање на најдобри решенија, рече Антиќ.

Љубинко Савиќ од Стопанската комора на Србија вели дека проектот за турскиот крак низ Србија е оправдан бидејќи дел од него ќе биде реализиран на трасата на „Јужен тек“.

– Развојот на таков проект ја ангажира градежната оператива. Иако капацитетот на турскиот крак не е ист како кај „Јужен тек“, одредени количини на гас ќе бидат транзитирани преку нашата територија и дел од средствата кои ќе бидат инвестирани во неговата изградба, на тој начин ќе бидат повратени, вели Савиќ.

Тој додава дека, освен за Србија, изградбата на турскиот крак е во интерес и на други земји на централна и јужна Европа, кои преку Србија и Бугарија би се поврзале со „Турски тек“, но неговата реализација е повеќе политичко прашање.

Воислав Вулетиќ, претседател на Здружението за гас, предупредува дека за овој гасен проект проблеми би можело да прави Европската комисија, која се држи до третиот енергетски пакет, според кој сопственик на гас не може да биде и сопственик на цевоводот.

– Заради тоа е миниран и „Јужен тек“. Сега се појавува „Турски тек“, а Третата  енергетска спогодба и натаму важи, што значи дека тешко е остварливо, бидејќи ни Бугарија, ниту Србија немаат пари за изградба на цевовод. Ние пари за изградба немаме, вели Вулетиќ.