Генералното собрание на ОН денеска треба да отвори расправа за нацрт-резолуцијата со која се осудува руската анексија на четирите украински региони, додека западните сили сакаат да ја нагласат меѓународната изолација на Москва.

Одлуката ова прашање да се донесе пред Генералното собрание, каде што 193-те членки на ОН имаат по еден глас – а ниту една нема право на вето – беше донесена откако Русија на 30 септември го искористи правото на вето за расправа по прашањето на состанокот на Советот за безбедност.

– Тоа е исклучително важно, рече шведскиот дипломат Олоф Скуг кој како амбасадор на ЕУ во ОН го подготви текстот во соработка со Украина и други земји.

Ако Генералното собрание не дејствува, тоа ќе им даде „отворени раце на другите земји да го сторат истото или да ја признаат руската анексија, изјави Скуг.

Во Нацрт-резолуцијата во која делумно имаа увид светските агенции, се осудува обидот за нелегална анексија на Русија на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон по т.н. референдуми и се нагласува дека тие процедури не се валидни според меѓународното право.

Русија како одговор испрати писмо до сите земји-членки на ОН во кое ги напаѓа западните делегации чии активности немаат никаква врска со заштитата на меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН.