Договорот од Преспа ќе го почитуваме и ќе се грижиме за негово верно почитување, не само затоа што државата има континуитет, туку и затоа што е очигледно дека е ратификуван договор и не постои можност да го измениме еднострано, па она што мораме да го сториме е да сме сигурни дека другата страна доследно го спроведува, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Герапетритис посочи дека Грција го следи почитувањето на Договорот од Преспа, но и истакна дека во самиот текст не е предвидено ниту еднострано да се смени, ниту да се поништи, објаснувајќи ги главните карактеристики на Договорот.
-Прво и основно е дека станува збор за меѓународен договор што беше ратификуван од двата Парламенти и ова значи дека во моментов не може да биде еднострано изменет од ниедна страна. Дури и да постои волја од С. Македонија или Грција за еднострано да го изменат Договорот, тоа не може да се направи. Второ, Договорот од Преспа беше под покровителство на ОН, присуствуваше претставник на Организацијата на Обединетите нации и ова му дава поголема меѓународна сила. Трето, постои процес предвиден во Договорот од Преспа, што претставува процедура при прекршување. Не е предвидена можност за еднострано поништување, појасни шефот на грчката дипломатија.
За решавањето на евентуалните спорови, објасни дека предвидено е покренување процес „со испраќање допис до страната што го прекршила Договорот, можна е, но не и неопходна употреба на добрите услуги на генералниот секретар на ОН и на крај одлука на Меѓународниот суд“.
– Што значи дека не станува збор за процес за еднострано поништување, истакна Герапетритис.
Потсети дека актуелната грчка Влада, како опозиција, „навреме укажа на проблемите од Договорот од Преспа“, објаснувајќи дека тоа се „политички, геополитички, но и технички проблеми“.
-Од почетокот рековме дека овој Договор е штетен. Сепак, јасно е, и премиерот го кажа тоа од Парламентот за време на ратификацијата, како лидер на опозицијата. Договорот ќе го почитуваме и ќе се грижиме за негово верно почитување. Зошто? Не само затоа што државата има континуитет, туку и затоа што е очигледно дека со создавањето на конкретната геополитичка средина и имајќи го во моментов ратификувано Договорот и неможност да го измениме еднострано, она што мораме да го сториме е да сме сигурни дека другата страна доследно го спроведува, истакна министерот за надворешни работи на Грција во интервјуто за „Скај“, пренесе МИА.
Герапетритис порача дека како и за сите теми во надворешната политика, така и во односите со Македонија, тие се подготвени за сите сценарија, посочувајќи дека ова се покажа и со нивната реакција по инаугурацијата на претседателката.
За евентуална средба со неговиот македонски колега, објасни дека земјата сè уште има техничка Влада, а штом добие нова во текот на јуни, Атина ќе ги преземеме неопходните чекори.