Летовите на десетици илјади патници денеска се откажани поради штрајк на осум германски аеродроми, меѓу кои и најголемиот во Франкфурт.

Штрајкот почна на полноќ на аеродромите во Хамбург, во Хановер и во Бремен. Додека во Франкфурт, каде се вработени 5.000 лица како аеродромско обезбедување почна во два часот по полноќ и е предвидено да трае до 20 часот. Поради штрајкот само на аеродромот во Франкфурт се откажани 570 од планираните 1.200 полетувања и слетувања за денеска.

Штрајкот во различно време почна на аеродромите во Дрезден, Минхен, Лајпциг-Хале и во Ерфурт.

Германска авиокомпанија „Луфтханса“ откажа 400 од 640 летови во Франкфурт, како и 100 од 630 полетувања и слетувања на аеродромот во Минхен.

Работодавачите штрајкот го оценја како неоснован бидејќи се подготвени на нови преговори за платите, кои треба да почнат следната недела во Берлин.