Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер најави дека е подготвен да нареди зголемување на бројот на федерални полицајци на границата со Полска за да помогне во борбата против зголемувањето на илегалната миграција од Белорусија, јави ДПА.
Зехофер појасни дека 800 федерални полицајци се веќе стационирани на границата и можат да пристигнат дополнителен број доколку е потребно.
Тој посочи и дека може да се воведат гранични проверки доколку ситуацијата не се смири.
Бројот на мигранти кои се обидуваат илегално да влезат во Европската унија преку Белорусија значително се зголеми во последните месеци, а најголемиот дел од приливот го преземаат пограничните земји Полска, Литванија и Летонија.
Границата на Германија со Полска,се користи во последно време за илегална миграција долж таканаречената „рута преку Белорусија“ до ЕУ. Германската полиција соопшти дека само од 1 до 20 октомври имало 1.922 премини на илегални мигранти, најчесто од Ирак, Сирија, Јемен и Иран.
Зехофер неодамна предложи заеднички германско-полски гранични патроли, но Варшава досега не се ангажираше.