Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ соопшти дека минатата година ја завршил со раст на профитот и на приходите и покрај огромните трошоци во врска со аферата околу фалсификување на податоците за емисиите на штетни гасови од неговите дизел возила, позната како „дизелгејт“.
Нето профитот на „Фолксваген“ лани пораснал за шест отсто на 12,15 милијарди евра, додека приходите се зголемиле за 2,7 проценти на 235,8 милијарди евра. Компанијата минатата година продала 10,8 милиони возила.
– Остваривме добри резултати и покрај големите неповолни фактори, изјави извршниот директор на „Фолксваген“, Херберт Дис.
„Фолксваген“ лани во септември беше приниден да воведе построги тестови на емисиите на штетни гасови од возилата, откако во 2015 година призна дека неговите дизел автомобили емитувале поголеми количества штетни гасови, отколку што беше наведено во официјалните податоци.
Овие построги тестови ја чинеа компанијата речиси една милијарда евра, поради што во четвртиот лански квартал имаше пад на профитот за 4,2 проценти на три милијарди евра. За покривање на вкупните трошоци околу „дизелгејт“, „Фолксваген“ лани поторшил 3,2 милијарди евра.
Компанијата за следните 10 години планира да промовира вкупно 70 нови модели на електричен погон и до 2028 година да продаде 22 милиони електомобили.