Германија со остри мерки против одбиените азиланти- побргу ќе ги протерува

/ 25.10.2023

Германската Влада има намера да го интензивира протерувањето на луѓето кои немаат право да останат во Германија, е соопштено по владиниот состанок во Берлин.

„Ќе се погрижиме луѓето кои немаат право да останат во Германија побрзо да ја напуштат нашата земја“, изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Таа рече дека протерувањето на оние кои немаат право на престој во Германија е неопходно за да можат да ги исполнат обврските кон оние на кои навистина им е потребна хуманитарна помош и заштита. „Заострувањето на законот е неопходно за да можеме да продолжиме да ја исполнуваме нашата одговорност кон луѓето кои бараат заштита од терор и војни, како што е случајот, на пример, со над 1,1 милион бегалци од Украина“, додаде социјалдемократската министерка.

Целта на предлог-законот, кој допрва треба да помине во собраниска процедура, е да се намалат моменталните отежнувачки околности што стојат на патот за поефикасен процес на протерување од Германија. Така, притворот што претходи на депортацијата би можел да трае 28 дена наместо досегашните 10. Покрај тоа, полицијата ќе може да бара лица на списокот за депортација во домовите за бегалци и да влегува во просториите на другите жители кои им даваат сместување, не само оние кои се бараат..

На ист начин, повеќе нема да има најава за депортација, по што во минатото многу луѓе се засолнуваа на непозната адреса пред депортација, а можно е да се прегледаат мобилните телефони и компјутерите за да се потврди државјанството на лице кое треба да биде депортирано. Депортациите често не успеваат затоа што луѓето на кои не им е даден статус на бегалец или на кои им е одбиен азил ги уништуваат нивните лични документи и одбиваат да дадат информации за нивното потекло, па властите не можат да одредат во која земја треба да бидат депортирани.

Ќе бидат отстранети и правните пречки за да се овозможи побрза депортација на луѓето кои го прекршиле законот или лицата кои се сметаат за опасни поради нивното екстремистичко потекло.

Во Германија во првите шест месеци од годинава се депортирани 7.861 лице, главно државјани на Македонија и Грузија. Во исто време, 280.000 луѓе живеат во Германија без право на престој. Но, огромното мнозинство од нив не можат да бидат депортирани поради различни причини, од кои најчести се немањето патни исправи или болест.

Владата најави и зголемен контакт со земјите од кои најчесто доаѓаат луѓето кои немаат шанси да добијат азил во Германија, како што се земјите од Магреб или Индија и Пакистан, како и Грузија и Молдавија. Опозицијата бара овие земји да се прогласат за т.н безбедни земји, што би овозможило побрза процедура за одбивање азил, објавија германските медиуми.

Демохристијанската опозиција од Унијата ЦДУ/ЦСУ побара, покрај зголемените мерки за депортација, да се запре „нерегулираната миграција“ кон Германија и тоа на надворешните граници на Европската унија. Исто така, опозициската, десничарска популистичка Алтернатива за Германија (AfD) побара построги мерки за запирање на илегалните имигранти.

„Сѐ додека илегалните имигранти не застануваат на границата, туку ги привлекуваат социјалните бенефиции кои делуваат како магнет за мигранти, мерките како што е отстранувањето на пречките за побрзо протерување се симболични“, рече АфД.

Хуманитарните организации, како и делови од владејачката партија Зелени, се спротивставуваат на олеснувањето на депортацијата поради мерките кои го нарушуваат правото на приватност. Оваа година во Германија се регистрирани над 300.000 барања за азил, а се проценува дека бројот на бегалци би можел да го достигне рекордниот број од 2015 година.


Од истата категорија