Германија добила многу од милијардите евра помош за поддршка на Грција, со тоа што од 2010 година заработила околу 2,9 милијарди евра од камати за грчките државни обврзници, јави АНА-МПА која се повикува на одговор на германската федерална Влада на прашање на Зелените во Германија.

Според одговорот на германската Влада, добивките главно биле од купување на грчки државни обврзници според Програмата за купување активи (СМП) на Европската централна банка, кои влегле во германската Бундесбанк и биле префрлени во федералниот буџет од 2010 година

До 2017 година, во Бундесбанк влегле вкупно 3,4 милијарди евра профит од купување во рамките на СМП. Во 2013 и 2014 година, добивките се пренесени во Европскиот механизам за стабилност (ЕМС) и во Грција, така што од нив останал профит од 2,5 милијарди. Кон него се додаваат 400 милиони евра од заеми доделени од државната банка Kreditanstalt fuer Wiederaufbau (KfW).

Во овој контекст, експертот за буџет на Зелените Свен-Кристиан Киндлер побарал олеснување на грчкиот долг.

– Владата не може да го лечи германскиот буџет со профит од грчки камати, рече тој.