Група германски јавни личности го повикале канцеларот Олаф Шолц да ја прекине испораката на оружје за Украина, објави Берлинер цајтунг.

Отворено писмо до германскиот Канцелар напишале 20-ина научници, политичари и културни работници од земјата, меѓу кои е и поранешната потпретседателка на Бундестагот, Антје Волмер.

„Со снабдувањето со оружје, Германија и другите земји од НАТО, де факто станаа страна во конфликтот. Така, Украина стана бојно поле за конфликтот меѓу НАТО и Русија околу безбедносниот поредок во Европа“, пишува во писмото.

Авторите на писмото велат дека и покрај „извештаите за успехот на украинската армија“, таа е „многу инфериорна во однос на руската“, но дека испораките на оружје ја поттикнуваат Украина да продолжува да се бори и да ги игнорира мировните разговори.