Новиот француски претседател е Емануел Макрон на кој Французите денеска му доверија нов петгодишен мандат освојувајќи 58 отсто од гласовите, покажуваат излезните анкети. Сепак тој е далеку од 66,10 отсто освоени гласови во 2017 година. Марин Ле Пен освои 42 отсто од гласовите, јави дописникот на МИА.

Како и во 2017 година, 48,7 милиони Французи избираа меѓу Емануел Макрон и Марин Ле Пен. Првиот беше фаворит. Но, никогаш екстремната десница не изгледаше толку блиску до портите на Елисејската палата. Резултатот од далеку ги надминува резултатите од пред пет години кога таа освои 33,90 отсто од гласовите. Таа денеска освои 42 отсто од гласовите

Емануел Макрон се очекува да им се обрати на своите приврзаници од пред Ајфеловата кула на Полињата на Марс. Симболично место со универзалноста на Ајфеловата кула како декорација за новоизбраниот претседател, место кое му беше одбиено во 2017 година. Тука, од околу 19 часот, започнаа да се собираат неговите симпатизери со многу француски и европски знамиња.

Во изборниот штаб на Марин Ле Пен – Павилјонот д’Арменoвил во 16-от париски арондисман, непосредно пред објавувањето на резултатите се појавија шишиња со Шампањ на кои пишуваше „Марин Претседател 2022“, забележа новинарот на Фигаро.

Нејзините симпатизери се послужуваат без комплекс. Некои од нив не не верувале во победа на овие избори. Но пред сè, тие слават „политичка и морална“ победа.

Неизлезеноста на гласачите се очекува да достигне 28,2 отсто во вториот круг од претседателските избори, 2,5 поени повеќе отколку во 2017 година (25,44%), според процените на ИФОП.

Ова се првични проекции за резултатите од гласањето, додека конечните резултати нема да бидат познати до утре изутрина. Победникот официјално ќе биде прогласен, по вообичаените проверки, во среда на 27 април од Лоран Фабиус, претседател на Уставниот совет.