Илегалната миграција по балканската рута треба да биде намалена, смета германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, се наведува во интервјуто за изданијата од германската медиумска група Ер ен де објавено денеска, јави ДПА.

Таа го изјави ова пред конференцијата во Берлин со претставници на земјите од Западен Балкан.

Според неа, европските власти имаат општа одговорност да ја запрат илегалната миграција, за да може да се продолжи со обезбедување помош за лицата на кои им е итно потребна.

– Ние во Германија примивме над еден милион бегалци од Украина од почетокот на војната, посочи министерката.

Фезер додаде дека истовремено се зголемува протокот на луѓе, кои доаѓаат во Европа преку медитеранските и балканските миграциски рути.

На денешната средба во Берлин со претставници на земјите од Западен Балкан ќе се разговара за мерки за ограничување на миграцијата по балканската рута.

Како што појасни Фезер, треба да се разговара и за процедурите за враќање на оние лица, кои немаат право да останат кај нас.

Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност изјави дека неговото мислење е оти залудни се секакви обиди за спречување на имиграцијата по балканската рута.

– Затворањето на балканската миграциска рута никогаш не дало резултат, истакна тој за изданијата на Ер ен де.

Во моментот притисокот не доаѓа од илегалната, нагласи тој, туку од легалната миграција.

– Деведесет отсто од бегалците доаѓаат од Украина, заклучи Кнаус.