Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ уште еднаш го покажа своето големо срце, а овој пат за дете од Македонија.

Како што објави македонскиот спортски портал Екипа, дознавајќи за желбата на неговиот голем обожавател Петар од Македонија, момче кое, поради бројни терапии, минува едно поразлично детство од своите врсници, без размислување испратил порака со поздрави и поддршка.

– Здраво Петре, Пецо мој… Како си? Ти испраќам еден голем поздрав, еден бакнеж и огромна прегратка од Белград. Се надевам дека наскоро ќе се видиме и ќе се запознаеме. Те сакам многу. Чувај се, му се обраќа Ѓоковиќ во својот видео-поздрав до Петар.

А, Петар ја доби пораката преку својот татко Зоран Мијалков.

– Голема благодарност за Ноле. Кој не само што е најдобриот тенисер туку е пред се Човек со голема душа и срце. Благодарам од срце и душа што помогна мојот син Петар да има среќни моменти и насмевки додека те гледа како играш. Легна да спие насмеан. Инаку од новата терапија со денови се случува да нема насмевка на неговото лице, напиша Зоран Мијалков на својот Твитер профил.

Овие пораки предизвикаа големи емоции кај голем број лица од Македонија, но и поддржувачи на најдобриот светски тенисер.

Извор: Екипа