Собранието на Република Македонија на 71. седница ги  прифати во прво читање измените и дополнувањето на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и расправаше по измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување,  кои се дел од законските решенија за реформи на пензискиот систем.

Со законите  се утврдува критериумот за влез во вториот пензиски столб, односно се дава  можност на лицата кои се родиени до 1 јануари 1967 година, а се осигурани во вториот пензиски стлб да се вратат во ПИОМ и тоа треба да го сторат до 30 септември 2019 година. При тоа акумулираните средства од вториот ќе бидат префрлени во Фондот на ПИОМ.

Со законските решенија се потврдува усогласувањето на пензиите со трошоците на живот два пати во годината.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во изминатите две години состојбите во пензискиот систем се влошуваат и дека тие се такви затоа што има, како што рече економска катастрофа.

-Во моментов РМ го има најмалиот економски раст од 50 земји во Европа. Нема европска земја кои имаат испорачано помал економски раст, а тоа е резултат на економските политики, рече Ѓорчев кој побара од Царовска да се однесува со дигнитет.

Забележа дека се однесува со смеење и дофрлање и ја повика на дуел.

-На граѓаните со оваа Влада не им е до смеење. За време на претходната Влада пензиите одеа нагоре и растеа, а вие ем го одложувате зголемувањето, ем не е во таков обем како што сте се обврзале, рече Ѓорчев.

Не може да имате солиден и стабилен пензиски фонд бидејќи си заминуваат младите.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека оваа Влада со реформите гради систем што ќе биде одржлив и кој ќе дава ефекти, а се креираат транспарентно и со пензионерите.

Истакна дека е важно пензискиот систем со реформите да се стабилизира и сегашните пензионери да го добиваат тоа што треба и идните пензионери да остварат пензија.

-Точно е дека Македонија има назадување, нема раѓање на бебиња, но тоа е резултат на вашата ужасна и катастофална политика што ја спроведувате. И затоа дефицитот во Фондот за ПИОМ се зголеми за 150 проценти, рече Царовска и додаде дека пензиите растот согласно трошоците на животот и растот на плати и оти се усогласуваат како што е ветено двапати годишно.

-Пензионерите се задоволни и тие заеднички се грижат пензискиот систем да функционира како нормален фонд, рече Царовска.

Собранието ја прекина 71. седница, ќе продолжи утре во 11 часот.

Попладнево е закажана нова 76. седница на која на дневен ред е Предлог законот за амнесија по скратена постапка поднесен од група пратеници.