Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за КУРИР зборуваше за тоа што досега е направено во општината, но и за низата проекти кои допрва ќе се спроведат.

Поради низата проблеми во Градот Скопје, вели дека очекува промена во локалната власт на следните избори и Скопје да добие градоначалник кој ќе работи во интерес на граѓаните.

Пред да се случат локални избори кон крајот на следната година, пред нас се парламентарни и претседателски избори. Ѓориевски е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и добро го знае „пулсот“ кај граѓаните во ова предизборите. Убеден е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја состави следната Влада, а дека претседател на Македонија ќе стане професорката Силјановска.

-Сигурен сум во промените кои ќе се случат. Тоа се чувствува меѓу граѓаните, со незадоволство кон централната власт, а задоволство од проектите кои ги нуди и ќе ги понуди ВМРО-ДПМНЕ со кои ќе настапи претседателот Христијан Мицкоски, кој ќе биде и носител во ИЕ 1, каде партијата СДСМ жестоко ќе биде поразена. На професорката Гордана Силјановска меѓу првите и дадов поддршка и минатиот пат. Лично ја познавам, ми била професор на факултет, лично ја почитувам, има сериозен државнички капацитет да ја води државата и верувам дека и граѓаните истото го чувствуваат. Јас и овој пат бев еден од луѓето кои меѓу првите се потпишаа како поддршка. Нас ни фали државник на позиција претседател на држава кој ќе се бори за интересите на државата и народот. Од парламентарните избори, очекувам ВМРО-ДПМНЕ да формира стабилна Влада, да имаме придвижување на државата во правилна насока во која и економски ќе зајакнеме, но и ќе имаме реализација на проекти…, рече градоначалникот на Кисела Вода.

Натаму додава:

-Проекти кои ќе бидат одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и новата Влада која што ќе ја предводи Христијан Мицкоски. Во таа насока, само времето останува да го покаже ова што го говориме. Јас од мои 14 години сум во ВМРО-ДПМНЕ, сите структури ги имам поминато и во многу кампањи имам учествувано и ако нешто знам многу јасно, тоа е да го препознаам пулсот на граѓаните, особено на моите сограѓани во Кисела Вода кои јасно и недвосмислено ќе ја дадат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше Ѓорѓиевски.

Со него разговаравме за многу други теми.

Целото интервју со Ѓорѓиевски КУРИР ќе го објави во текот на утрешниот ден.