Постојано е на терен меѓу своите сограѓани, со нив разговара за реализираното, за нивните потреби и барања, за проектите кои веќе се завршени, но и за оние на кои тековно се работи. Вели дека не е градоначалник кој седи во канцеларија, туку состојбата ја следи на лице место, низ сите населби кои се дел од општината.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за КУРИР зборуваше за тоа што досега е направено, но и за низата преобразби кои допрва ќе се спроведат.

Како градоначалник на скопската општина, но и како прв човек на ЗЕЛС, направи осврт на состојбата на терен. Даде свој коментар за проблемите на локално ниво, за незадоволството на скопјани што немаат Луна парк и Универзална сала.

Со него разговаравме и за претстојните претседателски и парламентарни избори, но му ја отворивме и темата за која ретко сака јавно да зборува.

-Кај граѓаните сметам дека има огромно задоволство за проектите кои ги реализиравме. Имаше многу горливи проблеми кои се провлекуваа повеќе од 30 години, особено оние проблеми кои е нелогички да ги зборуваме во XXI век, но за жал беа сурова реалност до пред да станам градоначалник во Кисела Вода. Тоа се генерално проблемите со лошата патна инфраструктура, подземната инсталација, канализационите и водоводни мрежи… Може да се забележи едно сериозно, големо задоволство кај моите сограѓани. Со таа динамика и темпо работевме изминатиов период, работиме денес, а ќе работиме и во перспектива. Ветив за 4 години, но ќе ми треба помалку од тоа, да го решам проблемот со претшколската возраст и уписот на дечињата во градинките. Кога ја превземав општината, над 400 дечиња чекаа на листите за да бидат примени во градинките. Сега на листите имаме помалку од 80 дечиња, но во моментов градиме нова детска градинка во непосредна близина на општината тоа е објектот „Кокиче“ кој ќе згрижи некаде околу 130 дечиња. Во многу напредна фаза е и тендерската постапка за нова детска градинка во Расадник која ќе прими над 200 дечиња. Не само што ќе го решиме за многу скоро од денес проблемот, туку и ќе ни останат слободни места за упис во градинките и ќе доведеме во една состојба да и постоечките групи ги релаксираме со помал број на деца во група, рече Ѓорѓиевски.

Како претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски има увид во состојбата не само во Кисела Вода, туку и во сите останати општини. Ја отворивме темата за еден голем проблем кој јавува незадоволство и револт кај скопјани, фактот што и после низа ветувања, сè уште немаме Луна Парк.

-Тоа беше проект кој Коце Трајановски го доведе во една завршна фаза во минатото. Политиканството во времето на Петре Шилегов доведе до тоа да биде блокиран проектот и не се доврши. За жал, една надградена верзија на Петре Шилегов во моментов е Данела Арсовска која гледаме дека нема приоритети и сериозен пристап кон решавање на работите. Луна паркот е само еден мал сегмент во она што ни се случува, а тоа се вика хаосот во Скопје. Мене ми е жал што за една таква личност сум дал поддршка во минатото и длабоко се каам што сум поддржал една таква несериозна личност, рече градоначалникот во интервју за КУРИР.

Целото интервју во Курир.