По повод 75 години од формирањето на НАТО, денеска во Струмица ќе биде организиран отворен ден за граѓаните, од 12.00 до 16.00 часот, во паркот пред поранешниот Дом на Армијата.

Настанот е организиран од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во соработка со општина Струмица. Тој е дел од активностите со кои се одбележуваат 75 години од формирањето на НАТО и воедно четири години од нашето членство во Алијансата.

– На отворениот ден, присутните ќе имаат можност да проследат повеќе музички нумери во изведба на воениот оркестар и да се запознаат со дел од армиското вооружување, борбени возила и опрема со кои располагаат единиците на Армијата. Притоа заинтересираните граѓани во директна комуникација со армиските претставници ќе можат да се запознаат со техничките карактеристики на изложеното вооружување, воената опрема и воените возила меѓу кои и најновите оклопни возила од видот JLTV, информираат организаторите.

Активноста ќе биде проследена од страна на началникот на штаб од командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓорговски и претставници од локалната самоуправа.

Ова е прв од повеќето планирани настани кои ќе се реализираат во седум градови во внатрешноста и во Скопје, со кои ќе се одбележат 75 години од формирањето на НАТО и четири години членство на Република Северна Македонија во Алијансата.

Покрај отворени денови за граѓаните ќе се реализираат и НАТО одбранбен форум, настан на кој земјите членки на Алијансата ќе ја презентираат својата култура и своите традиции.

Фото: МИА архива