Пишува: Дарко Јаневски

Павел Шатев ја донел главата на Марко Бошнаков од либискиот Сибир, Фезан. Денес, никој не знае каде точно таа е погребана. Најдалеку во истражувањето стигнал историчарот Никола Целакоски, кој за жал, пред неколку години почина.

Посмртните остатоци од сите гробови, меѓу кои и остатоците од Марко Бошнаков, биле пренесени во црквата „Св. Константин и Елена“, која потоа станала еден вид костурница. Во периодот околу 1960 година, сите остатоци биле погребани во источното двориште на црквата „Св. Константин и Елена“ во Охрид.

Две глави, два черепи донеле гемиџиите Павел Шатев и Ѓорги Богданов во 1908 година од заточеништвото во затворот во Мурзук, Либија – на Марко Бошнаков и на Милан Арсов. „Ние бевме слободно“, запишал Шатев во своите спомени. „Но наспроти тоа, умот, инстинктот не понесуваа во друга насока: како да ја извршиме својата должност, како да успееме да ги земеме телата на своите умрени другари. Тие беа неодамна закопани, уште неизгниени сосем… Демневме момент како да го извршиме тој план и да ги земеме барем коските на умрените другари. Поминаа едно две недели, а оваа мисла никако не ни го напушташе умот… Една вечер, шестмина од нас, крајно притаено, отидовме крај гробовите. Ставивме двајца-тројца да вардат, да не не забележи некој, а другите, кој со раце, кој со штици, почнавме да го распретуваме песокот, да ги бараме телата на умрените. Ноќта беше ведра, Месечината силно светеше… за кусо време песокта беше префрлена настрана – се појавија труповите. Тие беа уште нераспаднати, цели. Реата се повеќе се зголемуваше. Почувствуваме големо замелешуваwе. Пот ни бликаше од лицата. Пауза. Пак на работа. Никако не можевме да ги понесеме телата, зашто немаше како и каде да ги сокриеме. Коските не можевме да ги прибереме зашто уште беа со месо. Не остануваше ништо друго освен да ги понесеме черепите на умрените. Вчас ги извадивме ножевите, ги отсековме главите. По неколку минути пак почнавме да ги покриваме труповите со песок. Главите останаа надвор. Ги прибравме во посебни торби и ставени на раме, право дома. Утредента, откако ги залеавме со јодоформ, ги ставиве во две тенеќени кутии што херметички ги затворивме. Тие беа веќе готови, а ние спокојни“, напишал Шатев.

Во Македонија, главите им ги предале на семејствата на умрените. Таа на Арсов е закопана во село Ораовец, близу Велес, а дури во 2001 година вмровците му направија спомен плоча и го одбележаа местото каде почива тој преостанат дел од несреќниот солунски атентатор. Черепот на Бошнаков, Македонија го загуби. Никој не знае каде точно е погребана главата на човекот кој, каква иронија на судбината, на Шатев, на Богданов и на Арсов, им оставил аманет:

„Ако телото ми се тркала, немојте да дозволите тоа да се случи и со главата“.

Биста на Марко Бошњаков

Шатев и Богданов останаа верни на ветувањето, не дозволија главата да му остане некаде во песокот на пустинска Либија, но затоа, Македонија се погрижи да се случи токму тоа од што Бошнаков стравувал: му ја истркала главата. Изминатите години, во февруари, на годишнината од смртта на Бошнаков, во Охрид се одбележува денот со собир пред неговата куќа во центарот на градот. На неговиот гроб не може да се запали свеќа, зашто не се знае каде е! Последниот кој со години се обидуваше да го открие местото на кое Социјалистичка Македонија ја фрлила главата на Бошнаков е историчарот Никола Целакоски од Охрид, Пред повеќе години тој издаде и посебна книга за гемиџијата, во која го забележа следното: „Остатоците, т.е. главата на Марко Бошнаков била сместена во украсно дрвено ковчеже и била погребана на гробиштата во црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Меѓу двете светски војни, поради отстранување на влага во црквата, извршено е отстранување на земја од северната, од источната и од западната страна, при што било извршено и отстранување на гробовите што се наоѓале на овој простор. Посмртните остатоци од сите гробови, меѓу кои и остатоците од Марко Бошнаков, биле пренесени во црквата „Св. Константин и Елена“, која потоа станала еден вид костурница. Во периодот околу 1960 година, сите остатоци биле погребани во источното двориште на црквата „Св. Константин и Елена“ во Охрид. Од негрижа, оваа заедничка гробница нема обележје, како да не постои“. Во црквата денес нема никој, а таа стои заклучена. Се наоѓа на педесетина метри од црквата „Св. Богородица Перивлепта“, под патчето кое води до училиштето „Св. Климент Охридски“. Во дворот на црквата, токму на нејзината источна страна, има една надгробна плоча на која некогаш било напишано име, ама сега не се распознава. Во обраснатата со трева земја, се наоѓаат коските на сите починати од гробиштата на „Св. Богородица“ чиј мир бил нарушен меѓу двете војни. Меѓу нив би требало да е и главата на Бошнаков.

На овој простор од дворот на црквата Св. Константин и Елена треба да се наоѓа и черепот на гемиџијата

Марко Бошнаков и останатите гемиџии по шест ипол децении македонска државност и по две децении самостојност, добија свое обележје и во Скопје, во главниот град, во рамки на проектот Скопје 2014. Веројатно никогаш и не помислиле дека нивниот спомен, ќе доживее таква душманска анти-кампања каква што им беше приредена во престолнината на Македонија. Но, кога ќе се види како умрел Шатев, кога ќе се види дека гробот на Арсов не бил обележан, а гробот на Бошнаков не ни постои, тогаш всушност целата работа добива своја реална слика.

Бошнаков е единствениот охриѓанец меѓу солунските атентатори. Од богата фамилија, со куќа во центарот на Скопје, можел да го мине животот сосема поинаку. Но, тој го одбрал патот кој му го донел заточението во Фезан, африканскиот Сибир, заедно со Шатев, Арсов и Богданов.

„Тука сибирските студови се заменуваат со неподносливи жештини и длабока песок“, раскажува Шатев. На 7 февруари 1908 година, на само неколку месеци пред амнестијата и ослободувањето, Бошнаков се разболел од мочуришна треска. Умрел седум дена подоцна, на 14 февруари, од срцев удар. „Исто онака, како што ги поднесе спокојно и ладнокрвно сите маки, сите угнетувања, сите ограничувања и невољи, исто така тивко и ладнокрвно ја пречека и смртта. За него таа беше вечно успокојувачки сон, по долги физички и морални измачувања што ги претрга во текот на петгодишното затвореништво во солунскиот централен затвор и во Фезан. Погребот се изврши уште истиот ден попладне“, забележал Шатев во своите спомени за заточението. Шатев неговото го заврши. Тој ја донесе главата на Бошнаков во Македонија. Некои претходни генерации, намерно или не, ја загубија, а ред е оваа генерација да ја пронајде.

Даме Груев барал ликвидација на гемиџиите

Веста за солунските атентати стигнала и во Смилево додека се одржувал конгресот на кој е донесена одлуката за кревање на востанието на Илинден. Во својот Дневник, костурскиот војвода Васил Чакаларов, за 19 април (стар календар) ги запишал и следните интересни редови: „Од Битола пристигна писмо од Лука Џеров. Го пишуваше следното: „Во Солун – Отоманската банка е фрлена во воздух со динамит, низ градот се фрлени бомби… еден француски параброд е потонат, пак од наши работници. Иницијаторот (Павел Шатев) е фатен. Патници од Солун нема да има два дена…“ Тоа не изненади. Даме Груев растревожен почна да ни го кажува следното: Ѓавол да го земе, јас уште кога заминав од Солун тие пакосници се фалеа и не дочекаа до денот на востанието и не чинеа повеќе од 250 лири. Тие се околу 15-16 души, неразбрани луѓе, секогаш нашите браќа солунчани биле заплашувани: „Ако не ни дадете пари или ако фатат некој од нас, ние веднаш ќе го запалиме динамитот. Ако еден од нас загине, нема да штедиме ништо…“ Секогаш така се закануваа. Јас предложив да ги убиеме, но и тука се сретнав со тешкотии, не можеше да ги собереме сите, а поединечно не беше возможно, зашто пак ќе ги исполнеа своите планови, и ете што направија, ѓавол да ги земе!“ Така, горе-долу заврши Груев“, запишал Чакаларов за оваа епизода.

Всушност станува збор за стравот на Груев, кој во Солун, за време на неговата средба со Делчев, го манифестирал и Иван Гарванов, дека атентатите можат да го попречат востанието. Наспроти тоа бил ставот на Сарафов и на Гоце Делчев, кои ги поддржувале гемиџиите, дури и им дале и пари, иако нема попрецизни податоци дали биле согласни атентатите да се изведат токму во тие денови. После атентатите, низ Солун започнал вистински прогон на населението, кој бил спречен дури откако странските конзули се заканиле со посериозна интервенција, а еден италијански брод впловил во Солунското пристаниште. Биле уапсени многумина членови на Организацијата, а меѓу нив и самиот Гарванов. Гоце Делчев и Даме Груев излегле од Солун пред извршувањето на атентатот. Гоце заминал на конгрес на Серскиот округ на кој не стигнал заради смртта во Баница, а Даме за Смилево, каде и ја дочекал веста за атентатите.