На денешен ден 08.06.1908, во затворот во Мурзук, во областа Фезан во Либија, Африка, умира најмладиот гемиџија, МИЛАН АРСОВ, роден во селото Ораовец, Велешко.

Кога учествувал во солунските атентати во 1903, Милан Арсов немал ни полни 18 години. Другите македонски гемиџии сите биле на возраст од 18-22 години.

По Солунските атентати, четворицата преживеани гемиџии Павел Шатев, Георги Богданов, Марко Бошнаков и Милан Арсов се осудени најпрво на смрт во солунскиот затвор, но потоа казната им била заменета со доживотен затвор.

Четворицата млади Македонци биле испратени на долго патување низ африканските пустини, својата робија да ја служат во Африка, во областа Фезан во Либија.

За време на отслужување на казната, од туберкулоза и глад во Африка ќе починат двајца од гемиџиите, Марко Бошнаков и најмладиот Милан Арсов.

По Младотурската револуција во 1908 година, сите политички затвореници осудени од султановата власт биле помилувани, меѓу нив и двајцата преживеани гемиџии Павел Шатев и Георги Богданов.

Во знак на почит кон своите двајца починати гемиџиски браќа, бидејќи не биле во можност да им ги земат двете тела, Шатев и Богданов ќе ги откопаат само нивните черепи, ќе ги стават во јодоформ за да ги заштитат, и потоа ги сместиле во две тенеќени кутии и херметички ги затвориле.

Шатев и Богданов после долг пат од Африка, ќе ги донесат главите на Бошнаков и Арсов и ќе ги предадат на нивните семејства за да бидат закопани дома. Ќе ги донесат да почиваат во родната МАКЕДОНИЈА.