Еден од најплодните македонски автори, Видое Подгорец, роден е на 8 јуни 1934 година во струмичко Колешино. Toj e омилен лектирен писател за децата, како и со делата за младите и лирика и романи за возрасни.

Многу генерации израснале со јунаците од неговиот роман Белото Циганче, а потоа и трилогија, топла приказна која беше и екранизирана преку тв серија.

Подгорец освен што е еден од најплодните македонски писатели, зад себе остави дека како патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни. Припадник е на втората генерација македонски писатели, а објавил стотина наслови стихозбирки, раскази и романи.

Во родното Колешино завршил основно училиште, а во 1950 година завршил учителска школа во Штип и со неполни шеснаесет години почнал да работи како учител. Поради материјална состојба, не бил во можност редовно да ги следи предавањата на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде студирал вонредно.

Во 1956 година, дипломирал на Вишата педагошка школа, а во јуни 1959 година дипломирал и на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска литература. Три години потоа работел како училишен инспектор за Штипската околија, а во 1962 година се вработил во Скопје, во НИП Нова Македонија, во редакцијата Детска радост, како уредник во детските списанија Другарче и Наш свет.

Подгорец станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1958 година. Започнал да пишува уште додека учел во учителската школа во Штип, а малку подоцна, непосредната работа со децата (како учител) имала пресудно влијание за неговата определба за детската литература.

Писателот Подгорец спаѓа во редот на најпопуларните и најплодните македонски автори: Само во првите десетина години од својот творечки живот објавил триесетина наслови. Неговите дела се преведувани на повеќе светски јазици: српски, хрватски, словенечки, турски, албански, руски, украински, полски, чешки, словачки, бугарски итн.

Тој пишувал поезија и проза за возрасни и за деца, книжевна критика и есеистика, а покрај тоа, има објавено серија патописи од неговите патувања во други земји. Подгорец е автор на неколку телевизиски сценарија за детски игри, како и на две радио-драми за деца: Незавршена приказна (заедно со Михо Атанасовски) и Чудесно патување. Уредник е и на две антологии: Гулаб на мирот (избор на раскази за деца) и Вртешка (избор на песни за деца). Во 1969 година, издавачката куќа Наша книга од Скопје објави избор од делата на Подгорец во десет книги.

Карактеристично за неговото творештво, освен лириката, се и романи и други прозни дела инспирирани од поблиското и подалечно историско минато на македонскиот народ. Од попознатите дела со ваква тематика се: Ајдучка чешма (роман за деца, 1964), Рајна Војвода (роман за деца и млади, 1971), Пиринскиот цар (раскази за деца, 1980), Карпошовата буна (роман, 1983), Крали Марко (повест), Ајдучка чешма и други.

Долг е списокот на наслови и книги што во својот релативно краток живот зад себе ги оставил писателот Подгорец. Сепак, се чини, дека најпопуларен кај децата е со трилогијата Белото Циганче, која е преведена на повеќе странски јазици.

Својот работен век го завршил како директор и главен уредник во НИК Наша книга, а починал на 14 април 1997 година во Скопје.

Во негова чест во родното Колешино и Струмица се одржува манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец“.