Претседателот на Граѓанско-демократската унија, Петар Колев, еден од малкуте граѓани во Македонија кои ги пропагираат интересите на Бугарија и Бугарите во Македонија, на Денот на македонската азбука упати голема навреда за Блаже Конески, кого повторно го нарече „џуџето од Небрегово“.

– На 5 мај во 1945 година, со решението од тогашната Народна влада на Федерална Македонија, е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а еден месец подоцна и правописот на македонскиот јазик. Овој процес е свечено заокружен со делата на Блаже Конески – Граматиката, Речникот и Историјата на македонскиот јазик. Благодарение на сето тоа денес пишуваме к’рв со апостроф, в’рв со апостроф и т’га за југ со апостроф, а истовремено со тоа не можеме да прочитаме ниту едно писмо на револуционерите во оригинал или пак автор на поезија и проза кој пишувал пред 1945 година. Со други зборови, сме полуписмени субјекти кои не можат да си ги читаат своите дедовци во оригинал. Затоа Блаже Коневски е и ќе остане џуџето од Небрегово, кое го осакати сопствениот народ и го направи полуписмен“, напиша Колев.

Големите луѓе создаваат големи дела, а за ситните души само големи навреди.