Град Скопје обезбеди средства за изградба на две целосно нови средни училишта, „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ во Драчево, општина Кисела Вода. Ова го соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по усвојувањето на ребалансот на буџетот на Град Скопје.

Ѓорѓиевски истакна дека изградбата на двете училишта ќе се финансира со сопствени средства на Градот, нагласувајќи дека со ова се прави важен чекор кон исполнување на ветувањето дадено во неговата предизборна програма.

Според него, учениците и наставниците предолго работеле и учеле во несоодветни услови, поради што изградбата на нови училишни објекти е еден од приоритетите во вложувањата во образованието.

„Ниту едно дете не треба да ја гради својата иднина во услови што му го одземаат достоинството. Нашите ученици заслужуваат училишта во кои ќе влегуваат со радост, ќе учат со мотивација и ќе ги развиваат своите способности“, порача Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека одговорното управување со градските финансии овозможило намалување на непродуктивните расходи, подобра наплата на приходите и зголемување на средствата за капитални инвестиции и субвенции за граѓаните.

Како потврда за тоа, градоначалникот информираше дека заклучно со 30 септември 2026 година, Град Скопје реализирал рекордни капитални инвестиции во висина од 1,1 милијарда денари.

Споредбено со истиот период од првите години на мандатите на претходните градоначалници, реализацијата е повисока за 67,56 проценти во однос на 2018 година и за 35,27 проценти во однос на 2022 година.

Ѓорѓиевски нагласи дека и во последниот квартал продолжува реализацијата на проектите, а заштедите од градскиот буџет ќе бидат насочени кон нови училишта, подобра инфраструктура и директна поддршка за скопјани.

„Зборот е збор. Градиме денес, за нашите деца да имаат подобро утре! Скопје се сака со дела“, порача градоначалникот.