Со симболично откинување на првото јаболко денеска, на верскиот празник Крстовден официјално почна годинашната берба на Преспанското јаболко.
Првите јаболка ги откинаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, евроамбасадорт Самуел Жбогар, амбасадорката на УНДП Луиза Винтон и градонашалникот на општина Ресен Живко Гошаревски.
Посакувајќи им успешна и бериќетна берба, со нови пазари и можности за сите што егзистираат од јаболката во општината, Гошаревски посочи дека во Преспа јаболкото е застапено на околу 4.000 хектари, а годинава се очекува рекордни околу 150.000 тони
– Со децении наназад Преспанци од овој ден се преселуваат во своите овоштарници за навреме да го приберат годишниот род на јаболка, кој според земјоделските стручњаци, есенва ќе биде со рекордна реколта. Се очекува да се наберат околу 150.000 тони од кои околу 60.000 тони ќе биде индустриско, истакна градоначалникот.
Капацитетите на општинскиот дистрибутивен центар, според него, ќе бидат максимално исполнети со одкупени 5.000 тони јаболка, но нагласи дека се потребни уште вакви капацитети за обезбедување пласман на јаболкото.
– Со влез во НАТО и ЕУ ќе се остварат ваквите цели и ќе се стабилизира цената на јаболкото, а нашето јаболко покрај на Рускиот и на пазарот на Блискиот исток ќе заврши и на европските пазари. ЕУ фондовите со нивната финансиска помош ќе придонесат за модернизација и осовременување на јаболковите насади, изградба на ладилници за складирање и калибраторски системи преку кои ќе се стандардизира пакувањето и ќе се постигне повисока цена за јаболкото, рече Гошаревски.