И покрај тоа што српските власти одлучија да ја откажат овогодишната Парада на гордоста, посочувајќи оти нема безбедни услови за одржување, голем број политичари од ЕУ и САД го потврдија доаѓањето во Белград на Европрајд, настан кој секоја година се одржува во различен град.

Иако српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во Белград нема да се одржи марш за Европрајд, дури да му се јави и Џозеф Џо Бајден, од Европа и САД пристигаат најави дека на 17 септември бројни функционери ќе допатуваат во Србија за овој настан.

Српскиот порталот Нова пишува дека има потврда за повеќе од 30 личности од светот на политиката и невладиниот сектор кои ќе допатуваат во Белград за да учествуваат на Европрајд.

Меѓу нив се известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, како и европратеничката Тери Рајдке.

– Ќе бидам во Белград и ќе учествувам на маршот ’Европрајд 2022‘, заедно со илјадници мирни демонстранти и неколку десетини пратеници од ЕП и бројни претставници на националните влади. Сите ќе присуствувам на овој настан, изјавила европратеничката за Нова.

Меѓу оние кои го потврдиле доаѓањето во Белград се и вицепремиерката на Белгија Петра де Сутер, како и нејзината колешка од Црна Гора и министерка за европски работи Јована Маровиќ.

Во главниот град на Србија треба да бидат и комесарката на ЕУ за рамноправност Хелена Дали, комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ, германскиот комесар за ЛГБТИ правата Бабрицио Петри, претседателката на Сенатот на Белгија Стефани Дозе, членот на Претставничкиот дом во Масачусес од редовите на демократите Џек Патрик Луис…

Покрај споменатите имиња, наведува „Нова.рс“, се очекува присуство и на бројни пратеници од ЕП, претставници на Велика Британија како и луѓе од невладиниот сектор и организациите за човекови права.

Меѓународниот настан „Европрајд“ секоја година се одржува во различен град, а оваа година требаше да се одржи во главниот град на Србија на 17 септември. Властите во Србија, сепак, се одлучија да го откажат овогодишниот настан посочувајќи дека нема безбедни услови за негово одржување.

Како одговор на ваквата одлука на државата, организаторите на „Европрајд“ изјавија дека настанот ќе се одржи и им порачаа на надлежните дека немаат право да откажуваат нешто што не го организираат, додавајќи оти забраната за одржување на настанот е противуставна.

Пораки до српските власти да го одржат овој настан испратија и американскиот државен сектерат Ентони Блинкен, како и претставници на ЕУ.