На Зоран Заев денеска во Атина му е врачено одликување како признание за неговиот голем придонес во унапредувањето на економските и политичките врски меѓу Грција и Македонија од страна на претседателот на Атинската трговско-индустриска комора, Константинос Михалос.

Од владината прес-служба информираат дека претседателот на Комората Михалос искажал голема благодарност за посветената работа на Заев и за неговите заложби за зацврстување и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.

На средбата присуствувале истакнати стопанственици, членови на комората од повеќе сектори како енергетика, индустрија, ИТ индустријата, фармацијата, кои искажаа интерес за инвестирање и за нови вложувања со партнери од Македонија.

Премиерот Заев, се вели во владиното соопштение, се заблагодарил за честа за доделеното одликување и за укажаното признание и подвлече дека Владата на … Македонија континуирано се залага за подобрување на деловниот амбиент и за инвестициски вложувања. Посочил дека надворешно-трговската размена на Република … Македонија со Република Грција е значајна имајќи предвид дека Грција континуирано се наоѓа меѓу петте најголеми наши трговски партнери.

Со средбата во Атинската трговско-индустриска комора, Заев ја заокружи дводневната работна посета на Атина и учеството на Економскиот Форум Делфи.