Економските проекти од регионално значење во фокусот на средбата на Заев и Битиќи со менаџментот на Атинската берза
Заедничките економски проекти од регионално значење беа во фокусот на средбата што премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска во Атина ја имаа со менаџментот на атинската берза „Атхекс груп“.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, било истакнато дека пазарот на капитал е важен дел од економското функционирање на земјите, а улогата и функцијата што ги имаат за раст и развој на економијата и компаниите се исклучително важни.

Премиерот Заев нагласил дека заедничките вложувања и инвестиции се од особена важност за економскиот просперитет. Заедно со вицепремиерот Битиќи посочиле дека државата гарантира и обезбедува пазарни, слободни и транспарентни услови и односи во економијата со еднакви можности, пазарни услови и правила за компаниите.

На средбата е оценето дека влезот во НАТО дополнително ја подобрува сигурноста и предвидливоста за нови инвестициски вложувања.

Атинската берза постои од 1876 година и на неа тргуваат големи и средни компании кои имаат потенцијал за раст.