Промени во владиниот кабинет подготвува Алексис Ципрас, според грчките медиуми, а реконструкцијата би можела да се случи  во следните денови.

Како што јави МИА од Атина, ставот на грчката влада е дека реконструкцијата на владата не се најавува, па затоа и не постои официјална информација, а дел од медиумите кај јужниот сосед веќе шпекулираат за можните промени во кабинетот на Ципрас.

Според нивните информации, неколку министри е сигурно дека ќе останат на нивните досегашни позиции, а меѓу нив се и министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, министерот за одбрана и коалиционен партнер Панос Каменос, министерката за труд Ефи Ахциоглу.

Доколку реконструкцијата на владата не се случи во следните денови, веројатно е дека ќе биде пред Меѓународниот саем во Солун што започнува на 8 септември, а свое обраќање ќе има и Ципрас.

На саемот што се одржува секоја година на почетокот на септември, традиционално, грчките премиери имаат говори во кои ја соопштуваат владината програма за следниот период.