Летниот бран на Ковид-19 ќе биде бран што ќе донесе зголемувања и намалувања на случаите, но нема да постои притисок врз здравствениот систем, вели министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ и додава дека пораст на новозаразени има во сите европски земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис објасни дека за новиот бран станало збор на вчерашниот состанок во Луксембург на министрите за здравство на Унијата и додаде дека е очекуван бран со оглед на тоа дека постојат мутации кои брзо се шират и затоа рестриктивните мерки се бесмислени и тоа не е опција, посочувајќи дека мутациите не предизвикуваат тешко заболување.

– Според сите модели што ги имаме, се чини дека нема динамика што ќе изврши притисок врз здравствениот систем за да треба да преземеме мерки. Случаите како случаи се едно поглавје. Најважно е дали овие случаи ќе се префрлаат во хоспитализации и хоспитализации на интензивна нега. Такво нешто не се случува. Очигледно е дека ќе има. Кога постојат повеќе случаи, ќе постојат повеќе хоспитализации, но се чини дека нема динамичен притисок врз системот, објасни Плеврис.

Во однос на ситуацијата на грчкиот остров Миконос, каде што 37 отсто од тестираните се позитивни, министерот за здравство на Грција посочи дека порцентот како процент не кажува ништо, бидејќи се тестираат оние кои имаат симптоми и процентот не значи и хоспитализации.

За евентуални мерки од септември, Плеврис рече дека и на таа тема дискутирале вчера во Луксембург, објасни дека ќе постои план, бидејќи очекуваат пораст на случаите, а сè ќе зависи од притисокот врз здравствениот систем.

– Сакаме да веруваме дека нема да имаме притисок и нема биде потребно да преземеме мерки. Може да биде потребно да се активираат многу, а може нема да треба да се активира ништо, рече Плеврис во интервјуто за „Скај“.