Би било добра идеја да се одржи натпревар за мир на отворено море, со учество на Грци и Турци пливачи, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на изјавата на министерот за одбрана на Турција Хулуши Акар, кој според медиумите во Грција, рекол дека грчкиот остров Кастелоризо е на оддалеченоста од 1.950 метри и учениците од воените училишта можат да пливаат до таму, јави дописничката на МИА од Атина.

Иконому истакна дека во односите со Турција, потребна е смиреност и решителност, додавајќи дека земјата има капацитет да ја гарантира стабилноста во поширокиот регион, бидејќи, како што рече, Грција е сила на мир и сила на безбедност и тие нема да отстапат во однос на суверените права и суверенитетот.

– Бидејќи Акар кажа и нешто околу турски пливачи, би било добра идеја да се одржи натпревар за мир на отворено море, со учество на Грци и Турци пливачи. Подобро е целото прашање да го погледнеме порелаксирано со акцентот на меѓународното право и меѓународните односи, да не се стремиме кон жаришта на тензии во нашиот регион. Мислам дека е нешто што ѝ е потребно на Европа и на двете земји, рече Иконому.

За турскиот брод „Абдулхамид Хан“ што денеска се очекува да започне истражувања во Средоземното Море, портпаролот на грчката Влада рече дека внимателно следат.

– Очигледно мораме да бидеме будни и секогаш трезвено и на решителен начин го правиме она што е потребно за во нашиот регион да имаме стабилност и очигледно да го браниме меѓународното право, но и нашите национални и суверени права, истакна Иконому.