Соработката меѓу Грција, Република Кипар и Израел има мирољубиви цели и не е насочена против трета страна, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи.

Реакцијата на грчкото МНР доаѓа по изјавата на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, кој во интервју за турските медиуми ги критикуваше регионалните формати на соработка како што е тој меѓу Грција, кипарската страна и Израел, забележувајќи дека тие само продонесуваат за зголемување на тензиите.

Фидан истакна дека таквите формати соработка „не носат зголемена доверба, туку повеќе недоверба и проблеми“, како и оти придонесуваат за нестабилност во регионот.

Во одговорот на грчкото Министерство за надворешни работи се наведува дека Грција не прифаќа поуки и не должи објаснувања никому, притоа истакнувајќи дека како членка на Европска унија и на НАТО, државата работи за стабилност, добрососедски односи и мир.

Министерството нагласува дека и билатералната соработка меѓу Грција и Израел, и тристраната соработка со Република Кипар и Израел, се исклучиво со мирнодопски предзнак и не се насочени против други држави.

„Ширењето страв и искривување на реалноста не се од полза, особено во период на регионална нестабилност и несигурност“, се наведува во соопштението.