Дебатата за преспанскиот договор, на пленарната седница во грчкиот парламент што се одржува втор ден, ќе биде заокружена доцна вечерва, кога се очекува гласање и ратификација на спорниот договор, пишува Катимерини.

Според весникот, се очекува тензиите да кулминираат кога пред пратениците ќе се обратат премиерот на Грција, Алексис Ципрас и лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис.

Претходно се стравуваше дека дебатата ќе се развлече до раните утрински часови в петок бидејќи десетици пратеници се јавија за збор. Сепак претседателот на парламентот, Никос Вуцис вчера истакна дека гласањето ќе се одвива вечерва според закажаното.

Истовремено, попладнево закажани се протести во Атина против договорот. Организаторите на протестите претходно го повикаа грчкиот народ денеска да не оди на работа, а камбаните да бијат во знак на жалост.

Закажаните демонстрации за попладневните часови, во комбинација со сериозните инциденти на протестот во неделата, носат засилени безбедносни мерки во грчката престолнина, особено во делот околу плоштадот Синтагма и грчкиот Парламент.

Безбедносните мерки се и поради тоа што за разлика од неделата кога парламентот беше празен, сега во него, во тек е расправата.

Според грчките медиуми, кордони од полициски автобуси ќе бидат поставени на неколку места околу парламентот, со акцент врз делот каде се наоѓа влезот, а кај споменикот на Незнајниот јунак, онаму каде што во неделата демонстрантите се обидоа да упаднат во дворот на парламентот, ќе биде зголемено присуството на специјални полициски единици.

Метро станицата на плоштадот Синтагма, ќе биде затворена од 16.30 часот по локално време.