Грчката полиција притвори осум лица поради сомневање дека ноќеска фрлиле канта со црвена боја на влезот на паркингот на Американската амбасада во Атина.
Полицијата соопшти дека десетина лица на мотори, ноќеска околу 3 часот и 30 минути по локално време, фрлиле црвена боја, а за инцидентот одговорност преземала анархистичката група Рубикон.
Тие изјавиле дека тоа го направиле поради „американскиот империјализам“ и договорот на Грција со Македонија во замена за членството на Македонија во НАТО, како и поради неодамнешната американска одлука да се повлече војската од Сирија.
Анархистите Рубикон слични инциденти организираа и претходно.
Нападот врз американската Амбасада не може да ги повреди силните, долгогодишни врски на пријателство меѓу наште народи и односи Грција- САД, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција во за денешниот напад со боја врз американската амбасада во Атина од членови на анархистичката група „Рубикон“, јави МИА од Атина.
– Го осудуваме фрлањето боја од членови на анархистичка група во дворот на Амбасадата на САД, што предизвика материјална штета. Ваквите активности не може да ги повредат силните, долгогодишни врски на пријателство меѓу наште народи и стратешкиот однос Грција – САД, што се зајакнува во особено клучен период за нашата земја и регионот, соопштуваат од грчкото МНР и додаваат дека надлежните власти ги преземаат сите неопходни чекори за сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.
Преку неговиот официјален Твитер профил реагираше и амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат, кој го осуди „бесмислениот вандализам на амбасадата“ и ѝ се заблагодари на грчката полиција за брзата реакција.