Спасувачките екипи го пронајдоа безживотното тело на тригодишното дете од Сирија кое се водеше како исчезнато по судирот на чамец што пренесувал бегалци и мигранти со патролен брод на грчката крајбрежна служба во морскиот дел, источно од островот Кос, jави дописничката на МИА од Атина.

Спасувачката акција продолжува за пронаоѓање на уште едно исчезнато лице, маж од Сирија.

Во чамецот што од турското крајбрежје се упатил кон Грција, имало 34 лица, а од грчката крајбрежна служба соопштуваат дека од спасените, седум, меѓу кои и бремена жена, биле пренесени во болницата на Кос. Од седуммината, двајца се повредени, а останатите петмина превентивно биле префрлени во болница.

Според првичните информации од грчката крајбрежна служба, инцидентот се случил во целосна темнина, чамецот со бегалци и мигранти немал никаква сигнализација, а никое од лицата што се превезувале не носло елек за спасување. За време на судирот, бродот на крајбрежната служба бил на редовна патрола во морскиот дел.