Со 156 гласа „за“ од владејачката Нова демократија, грчкиот Парламент синоќа го изгласа буџетот за 2023 година, додека пак против беа сите опозициски партии, јави дописничката на МИА од Атина.

Самото гласање на буџетот во Парламентот, традиционално, секоја година се смета како глас за доверба на актуелната Влада.

На гласањето му претходеа говори на лидерите на партиите и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој најави нова мерка за поддршка на граѓаните,  додека пак лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас го повика Мицотакис да распише избори.

Грчкиот премиер соопшти дека од февруари до јули, шест месеци, Владата ќе покрива 10 проценти од трошоците за супермаркет и продавници за храна на граѓаните,истакнувајќи „10 отсто инфлација, 10 отсто покрива државата“, а мерката ќе се однесува на одредени категории домаќинства во зависност од нивните приходи.

Лидерот на СИРИЗА во неговиот говор порача дека овој буџет е последен за Владата на Мицотакис , „што значи дека е буџет што нема да се спроведе“, а паралелно го повика грчкиот премиер да распише избори.

Расправата за буџетот започна во вторникот, а според претседателот на Парламентот Константинос Тасулис говореа 227 пратеници, 36 членови на Владата, како и претседателите на шесте пратенички групи, а петте седници траеле речиси 60 часа.

Буџетот, меѓу другото, предвидува 9,7 отсто инфлација за 2022 и пет проценти за 2023 година, ритам на раст 5,6 отсто во 2022 и 1,8 проценти во 2023 година, стапката на невработеност се очекува дополнително да се намали на 12,7 отсто, наспроти 13,9 проценти предвидени во Програмата за стабилност и 14,2 отсто во Буџетот за 2022 година, а во однос на фискалниот резултат, предвидува дефицит од 1,6 отсто од БДП за 2022 година, а следната година земјата ќе се врати на примарен суфицит од 0,7 проценти од БДП.

Дополнително предвидува и следната година да се спроведат мерките што беа воведени годинава, како што се субвенции на сметките за струја; намалено ДДВ на безалкохолни пијалоци, на билети за кино, театар и концерти, на фитнес центри, туристички пакети, како и превоз на патници; продолжување на породилниот додаток во приватниот сектор од шест на девет месеци; зголемен станбен додаток за поддршка на студентите; обезбедување стимулации за продолжување на туристичката сезона и во текот на зимската сезона итн.