Значително се намалени жариштата и чадот од пожарот во гаражата на бродот „Елефтериос Венизелос“. Грчките пожарникари веќе трет ден се обидуваат целосно да го изгасат пожарот и да ги отстранат возилата од бродот.

Гаражата досега ја напуштија поголемиот број камиони, дел од нив со претрпена значителна материјална штета, додека пак дополнително ќе се знае дали и колку од автомобилите биле зафатени од огнот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, пристаништето Пиреас и делот каде што од средата наутро е закотвен бродот, вчера го посети новиот министер за поморство на Грција, Фотис Кувелис.

И понатаму се непознати причините за пожарот што се појави во гаражата на бродот, во вторникот, 15 минути пред полноќ, додека пловеше од Атина кон островот Крит.

Во бродот се наоѓаа вкупно 1.015 лица, 875 патници и 140 членови на екипажот, кои беа евакуирани, а превезуваше и 80 камиони и 152 возила.