Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека ЕУ планира да го укине преминувањето од летно на зимско сметање на времето.  Одлуката доаѓа откако мнозинството анкетирани граѓани на ЕУ рекоа дека треба да се укине поместувањето на стрелката на часовникот..

Јункер денеска изјави дека одлуката е донесена откако огромното мнозинство граѓани на ЕУ – првенствено од Германија – кои учествуваа во истражувањето за ова прашање, побарале укинување на промените при сметањето на времето.

Над 80 отсто од испитаниците поддржаа укинување на поместувањето на стрелките на часовниците во лето и зима, што беше спроведено помеѓу 4 јули и 16 август. Околу 4,6 милиони луѓе учествуваа во онлајн анкетата, со што таа е најголема во историјата на ЕУ. Во анкетата учествуваа околу три милиони Германци.

Зборувајќи за германскиот јавен радиодифузер ЗДФ, Јункер рече дека ќе изврши притисок за укинување на поместувачето на стрелката на часовникот и оти Комисијата за тоа ќе одлучува денеска..

– Ние спроведовме анкета, милиони одговорија и веруваат дека во иднина, летото треба да биде преку целата година, и тоа е она што ќе се случи, рече Јункер за ЗДФ, додавајќи: „ако луѓето го сакаат тоа, ние ќе го направиме“..

Откако предлогот ќе биде упатен, Европската комисија, највисокото извршно тело на ЕУ, ќе треба да се согласи со мерката и да предложи предлог-закон за укинување на мерката за заштеда на време. Европскиот Парламент и 28 земји-членки на Унијата, исто така, ќе треба да ја одобрат мерката.