Заменик генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања и координатор за вонредни ситуации, Мартин Грифитс, изјави дека ситуацијата на северот на Појасот Газа е „страшна“, истакнувајќи дека телата на починатите се оставени на улиците и дека луѓето се на работ на смрт од глад.

-Колегите кои успеаја да стигнат до северот од енклавата во последните денови опишуваат сцени на целосен ужас – трупови оставени на улица. Луѓето со очигледни знаци на глад запираат камиони во потрага по нешто што може да им помогне да преживеат. Дури и доколку луѓето можат да се вратат дома, многумина веќе немаат домови во кои треба да заминат, рече Грифитс на седницата на Советот за безбедност на ОН.

Овој функционер на ОН предупреди дека од ден на ден расте ризикот од глад, бидејќи залихите на храна и вода се при крај, додека здравствениот систем е „во состојба на колапс“, пренесува Си-Ен-Ен.

-Жените не можат безбедно да раѓаат, а децата не можат да се вакцинираат, додека случаите на заразни болести и луѓе кои бараат засолниште во дворовите на болниците се во пораст, рече Грифитс.

Тој додаде дека напорите на неговиот тим да испрати хуманитарни конвои на север „наидоа на одложувања, забрани и наметнување невозможни услови“, додека „непочитувањето на системот за известување го става на ризик секој чекор на хуманитарните работници“.

Грифитс, исто така, нагласи дека пристапот на неговата агенција до Кан Јунис е ограничен, а Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања и координација за вонредни состојби го обвини Израел за задржување на клучните резерви за палестинската енклава.

-Наредбите за евакуација се немилосрдни. Како што копнените операции се движат кон југ, воздушните бомбардирања се интензивираа во областите каде што на цивилите им беше кажано да се движат за нивна безбедност. Нема безбедно место во Газа. Достоинствен човечки живот е речиси невозможен, рече Грифитс за израелската политика на охрабрување на палестинското население да ги напушти своите домови пред проширувањето на воените операции во различни региони на Газа.

Од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас раселени се околу 1,9 милиони луѓе, некои од нив и повеќе пати, што претставува 85 отсто од населението во Газа, наведе Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа, организација на ОН за помош на Палестинците.

фото: МИА архива