Вицепремиерот Артан Груби верува дека е можно Бугарија да даде „зелено светло“ за пристапувањето на земјата во ЕУ, сугерирајќи дека ветото може да биде отстрането.

Бугарија одби да и дозволи на Македонија да напредува кон првата меѓувладина конференција со ЕУ, што го означува официјалниот почеток на пристапните преговори, поради наметнатите прашања за јазикот, културата и човековите права.

Груби за медиумите изјави дека добил информации оти Софија може да го промени својот став.

– Ние сме оптимисти бидејќи имаме информации. Имаме целосни информации за тоа што се случува меѓу Скопје и Софија и тоа ни дава целосна доверба дека ова прашање може да се реши. Се обидуваме на самитот на ЕУ на 14 декември да ги добиеме првите позитивни сигнали дека вратата ќе ни се отвори, вели тој.

Груби додава и дека неговата Влада подготвила одговор на бугарските услови кој „мислиме дека ќе биде прифатлив“.

– Нашата цел е да го решиме ова прашање во јануари, февруари или март следната година и во наредните месеци следната година да ја одржиме првата меѓувладина конференција, рече Груби.

Што се однесува до иднината на македонската Влада по катастрофалниот пораз на локалните избори, Груби остана оптимист и вели дека ќе има „зголемување на парламентарната поддршка“.

– Локалните избори не се поврзани со централната власт, а владејачкото мнозинство е стабилно. Зоран Заев е клучната фигура во европската перспектива на Македонија, вели Груби.

Бугарскиот претседател Румен Радев претходно потврди дека неговата влада сака Македонија да продолжи на нејзиниот пат за пристапување во ЕУ, истакнувајќи дека „тоа не е комплицирано“, но дека прво мора да се исполнат одредени услови.