Организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби денеска на прес-конференција во Собранието ја лоцираше одговорноста за неизгласувањето на одлуката за симнување на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељаноски, во претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно – имунитетни прашања Павле Богоески.

– ДУИ целосно го поддржува владеењето на правото без партиски, политички, етнички и какви било други влијанија. На синоќешната седница во определеното време сите пратеници на ДУИ беа присутни на седницата од претседателот Ахмети до болниот пратеник Агим Шаќири за да гласаме за одземање на имунитетот. За жал, на седницата пратениците не можеа да се воздржат од дофрлувања и навреди кон претседателот на Собранието во моментот на гласање. Ништо од тоа што се случи, немаше да се случи, доколку претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ја ставеше одлуката на гласање во 23 часот како што бевме претходно договорени, доколку тој не се договореше со ВМРО-ДПМНЕ, исклучувајќи ја ДУИ и да ја стави во заеднички договор со нив одлуката за гласање во 21 часот, без да не информира и без да не почека, истакна Груби.

Додаде дека ништо од тоа што се случи синоќа, немало да се случи, доколку дел од пратениците не станале и со навредливи зборови, пцовки и фрлање пенкала кон спикерот Џафери не го попречиле актот на гласањето неколку минути пред полноќ.

Тој рече дека по носењето крупни одлуки како промена на името и заокружувањето на Охридскиот договор, владеачката коалиција ќе продолжи да функционира и дека заедно ќе ги направат реформите за да се добие датум за почетокот на пристапните преговори со ЕУ.

 -Убеден сум дека овој момент ќе се надмине и дека заеднички ќе ги изгласаме двотретинските закони, рече Груби.