Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш се надева дека меѓународната заедница може да помогне во решавањето на тензиите меѓу Русија и Украина поради Керченскиот Теснец.

Гутереш инсистира Русија да го почитува територијалниот интегритет на Украина и да го „избегне најлошото“.

Тој исто така се надева дека ситуацијата ќе помине без ескалација и повика на „смислен дијалог“.

Генералниот секретар на ОН имаше обраќање во пресрет на самитот на Г20 во Буенос Ајрес, каде инцидентот во Керченскиот Теснец веројатно ќе биде една од темите за кои ќе се разговара.

Руските сили на 25 ноември запленија три бродови на украинската морнарица во Керченскиот Теснец, меѓу Црното и Азовското Море, тврдејќи дека нелегално влегле во руски територијални води.