Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го повтори апелот за прекин на конфликтот и продолжување на преговорите, како и за непречен пристап до хуманитарна помош во војната во Украина, која започна пред 100 дена.
– Го повторувам мојот повик за итен прекин на насилството, за непречен пристап до хуманитарна помош за сите на кои им е потребна, за безбедна евакуација на цивилите заробени во борбените области и за итна заштита на населението и почитување на човековите права во согласност со меѓународните норми, порача Гутереш.
Како што пренесе Си-Ен-Ен, тој нагласи дека овој дека конфликт однесе илјадници животи и поради него се раселени милиони луѓе, а дека војната „резултираше со неприфатливо кршење на човековите права и поттикна тродимензионална глобална криза во храна, енергија и финансии, што најмногу ги погоди ранливите луѓе, земји и економии.
Гутереш, исто така, рече дека ОН се посветени на хуманитарните напори и дека на крајот ќе бидат неопходни преговори и дијалог за решавање на конфликтот.
– Колку побрзо страните се вклучат во дипломатски напори и добра волја да се стави крај на оваа војна, толку подобро за Украина, Русија и светот, истакна генералниот секретар на ОН.