Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола мирно го прокоментира поразот од 2-3 од Норвич. „Граѓаните“ сензационално беа поразени на гостувањето кај дебитантот во Премиер лигата и сега се 5 бода зад лидерот во рангот Ливерпул.
– Му честитам на Норвич. Првиот гол падна од статичка позиција, а потоа нè удрија од контранапад, па има за што да размислиме. Ќе ја научиме лекцијата и ќе продолжиме понатаму. Создадовме многу позиции, но не успеавме да постигнеме повеќе голови од нашиот противник. Норвич е многу силен тим кој има играчи на високо ниво. Можеби ни недостигаше острина. Луѓето не треба да очекуваат дека постојано ќе победиме и на крајот на сезоната ќе имаме 100 или повеќе поени. Ќе се опоравиме од овој пораз и ќе ги следиме нашите цели“, истакна каталонскиот стратег.
Сити по овој пораз е на второто место на табелата со 10 поени, на 5 зад лидерот Ливерпул, откако веќе има еден пораз и едно реми по првите 5 кола во Премиер лигата.