Поранешниот министер и аналитичар Џевдет Хајредини го поттикнува Министерството за надворешни работи и министерот Бујар Османи да се ангажира против уцените кон Македонците и во Бугарија, не само во Албанија.

– МНР и Бујар Османи, исто како во Албанија, потребно е активно да бидат ангажирани и овде, во Македонија, да спречат какви било притисоци и уцени од Софија, Македонците да се запишат како Бугари, објави Хајредини на својот профил на Фејсбук.

Овој коментар доаѓа по неодамнешната изјава на Османи дека ќе се ангажира за заштита на македонското национално малцинство во Албанија, каде што се врши притисок и уцени за бугаризација од страна на Софија.

Минатиот викенд Османи отиде во Албанија и се сликаше со Македонците во Голо Брдо, а во Македонија во исто време Бугарија отвора бугарски клубови со имиња на ликови кои провоцираат, дава стипендии за учење бугарски јазик и други активности за бугаризација на Македонците. Од страна на македонските власти досега нема никаква реакција за тоа, ниту пак ангажман за реципрочни активности за Македонците во Бугарија.