На 30 септември имате единствена можност да ја определите својата иднина. Тоа е можност што се нуди еднаш во животот. Одлуката ќе има влијание врз граѓаните, нивните деца и на идните генерации кои се уште не се ни родени. Референдумот е уникатна можност да се донесе важна одлука со далекусежни последици, порача еврокомесарот Јоханес Хан по денешната средба со премиерот Зоран Заев во Скопје.
Според него, важно е граѓаните да донесат информирана одлука преку квалитетно известување.
– Информирајте се и искористете го демократското право на глас и слободен избор, особено младата генерација. Одете да гласате и одлучете за можностите кои ви се нудат, рече Хан.
Тој повторно искажа поддршка за договорот меѓу Македонија и Грција.
– Договорот е силно поддржан од меѓународната заедница зашто е чувар на земјата и на евроатлантските перспективи, но одлуката за него е одлука која граѓаните независно треба да ја донесат. Тоа ќе биде важен прилог за земјата и за регионот. Останува на вас да решите на 30 септември. Вратата на ЕУ е отворена, но вие решавате дали ќе ја искористите можноста. Нема време за губење, порача Хан.
Еврокомесарот потенцира дека иако не му се допаѓа кратенката ПЈРМ мора така да ја ословува земјата. Би сакал, рече, да ви се обраќам со Северна Македонија, а вие ќе одлучите дали тоа ќе можам да го направам.
Посочи дека во изминатите недели Скопје станало најпопуларната дестинација на политичарите од Европа и од целиот свет.
– Тоа е доказ колку се цени спогодбата со Грција и како на неа гледа меѓународата заедница. Во светот имало многу долготрајни конфликти, а ова е редок пример на нивно решавање, што е поздравено од меѓународната заедница. Тоа е поттик за сите и покажува дека дури и замзрнатите конфликти можат да се решат, ако има добра волја, лидерство и одлучност, рече Хан.
Сепак, како што нагласи, конечната одлука зависи од граѓаните.
– Каква одлука и да се донесете ЕУ ќе биде на ваша страна, рече Хан.
Најави дека следната недела почнува скринингот односно подготвителните активности за преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Одговарајќи на новинарско прашање, Хан истакна дека пораката што ја упатил на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски е иста како онаа што ја упатува до граѓаните и сите останати чинители.
– Мојата порака кон него, како и до премиерот и останатите лидери, не само вчера, туку и претходно е дека станува збор за референдум за иднината на земјата и целата ситуација не смее да се исполизитира. Политичките партии треба да се воздржат од злоупотребување на ова за партиски цели, рече еврокомесарот, потенцирајќи притоа дека во ваков круцијален момент не е момент да се играат политички игри.