По повод изјавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека Косово ќе се согласи на помирување со Србите во замена за признавање на независноста, српскиот министер за одбрана Александар Вулин му постави прашање: Дали тоа сам си го смисли, или некој ти помогна?

– Најпрво, силувавте и убивавте жени и деца, палевте села, ограбувавте имот, убивавте полицајци и војници. Протеравте 250 илјади луѓе од нивните огништа, уништивте десетици цркви и манастири, се обидовте противправно да одземете дел од територија на Србија, погазивте секој збор од Бриселскиот договор и сега се сетивте да барате Србија сето тоа да го прифати, признае и уште  примирје за судирот кој не го барала ниту предизвикала, изјави Вулин.

– И, да го повторам прашањето од почетокот: Дали тоа сам си го смислил или некој ти помогна, прашува Вулин.

Косовскиот премиер и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај, изјави дека би прифатил помирување со Србија во замена за меѓусебно признавање, но тоа не знчаи дека ќе се заборават српските злосторства врз косовските Албанци, јавува МИА од Приштина.

Харадинај рече дека помирувањето значи „да се помине преку исчезнатите, силуваните и убиените“, но не и да се заборават и да се прости за нив.

– Признавање. Што може да даде Косово за да се постигне тој договор? Едно помирување, зашто друго немаме што да дадеме. Помирувањето не е малку, тоа значи да се помине преку нашата болка, преку исчезнатите, убиените, разорот, сексуалното насилство, уништеното и ограбено стопанство… А кога ние ќе се помириме, ќе дадеме многу, многу повеќе одошто би можел некој да даде, рече Харадинај.

Тој нагласи дека не мисли дека треба да се заборави, но дека веројатно некогаш може да се дојде до помирување.