Катастрофална е ситуација во затворите и психијатриските установи во Македонија. Затворениците мизеруваат, а пациентите во Бардовци и „Демир Хисар“ едвај преживуваат алармира Народниот правобранител. Стравотните наоди на Насер Зибери укажуваат на сериозни повреди на човековите права, недостиг на кадар, лош квалитет на здравствена грижа за осудените лица, насилство меѓу нив, и бедни услови за прежувување.

„Во болницата ‘Демир Хисар’ е страшно. Хигиената таму на најниско ниво. При посета на канцелариите на вработените, НПК откри кожни ремени за врзување и метални синџири со катанец. Во друга просторија бил виден цврст дебел кабел. На прашање зошто е тој кабел, одговор од вработените немаше. Ја нагласувам забраната за заплашување, малтретирање, повредување и тортура на пациентите“, кажа Народниот правобранител Насер Зибери.

Зибери бара итни вработувања во психијатриските установи и затворите во земјава но и нивно реновирање од корен. Загрижувачка состојба, според него, има во четвртото крило во Идризово. Таму се сместени 124 лица осудени лица, од кои 36 спијат на под во ходник и користат заеднички тоалет. За ова, Зибери приложи и фотографии.

„Во Идризово, во затвореното одделение, како минимален стандард се налага 4 квадратни метри по лице. Во третото крило, во 14 квадрати спијат 15 лица, а тоа не е ниту еден квадрат за осуденик. Од нив, шест спијат на душеци на под, а останатите на кревети на четири спрата. Во друга просторија од 21,5 квадрати спијат 11 осудени лица, а во трета на 19 квадрати спијат 10 лица“, рече Зибери.

Тој рече дека во „Идризово“ освен лишувањето од слободата, предизвикот да се преживее зад решетките се плаќа со пари.

„Сето ова носи кон висок ризик од меѓузатвореничко насилство и нешто за што со години зборуваме, а тоа е здравствена заштита на осудените лица“, вели народниот правобранител.

Владата, пак, за сите овие наоди за тешко кршење на правата на лицата и пациентите во затворени институции, на Народниот правобранител и на НПК, им враќа со континуирано кратење на средствата, секоја година. Тоа Зибери го нагласи и го нарече некоректност.