Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) очекува значително зголемување на своите инвестиции во Македонија и во Грција, по договорот за надминување на спорот околу името, изјави потпретседателот на оваа финансиска институција Пјер Хајлброн.
– Надминувањето на спорот ќе „отклучи“ многу проекти, бидејќи двете земји имаат желба својот политички успех да го претворат во конкретни инвестиции, изјави Хајлброн во рамки на регионалниот политички и бизнис форум во Блед.
Според него, како што јави АНА-МПА, надминувањето на спорот ќе го засили интересот и на други инвеститори за вложување во двете земји.
Хајлброн најави дека ЕБРД е заинтересирана за инвестирање во трансгранични проекти меѓу Македонија и Грција, пред се во сферата на енергетиката и транспортот.
Во текот на 2017 година ЕБРД инвестираше 630 милиони евра во Грција и 50 милиони евра во Македонија.
ЕБРД планира во следините три години да инвестира по 900 милиони евра годишно во проекти во земјите од Западен Балкан, првенствено во инфраструктурата.